За капитални инвестиции во Општина Тетово обезбедени преку владиниот заем на 500 милиони евра од Унгарија, градот ќе добие 3,8 милиони евра, информира денес градоначалникот Билал Касами. Општините добиваат пари според индикаторот глава на жител, во Тетово ќе се реализираа два проекти за подобро водоснабдување и нов училишен објект.
На денешната прес-конференција, Касами рече дека најголем приоритет бил нов објект за средното стручно текстилно училиште „Ѓоце Стојчески-Амбарче“ за што се потребни пет милиони евра, а во договор со Владата е одлучено сега да се издвојат 2,5 милиони евра, додека остатокот потребни средства во текот на следната годиа.
За промена на стариот цевковод што носи вода од планинските извори кај Попова Шапка до Тетово ќе се добијат еден милиони и три илјади евра. Загубата на количините вода и дотраеноста на тој систем утврдени во студија се причините да се даде приоритет на овој проект.
„Тој цевковод е стар, од кога постои системот за водоснбдувањето и во студијата за водоснабдувањето имавме заклучок дека треба да има нов цевковод до резервоарот. Има заклучок дека треба да се инвестира и во резервоарот и во системот на хлорирање, во делот на подобрување на дистрибутивната мрежа и водомери. Вонвардарска е нова населба, редовно има проблеми не е доволен тој систем што постои, затоа се прави нова мрежа, истакна Касами.
Со Програмата за развој на Обединетите Нации-УНДП ќе се работи на заеднички проект кај новиот водоснабдителен систем од Лешница поради потреба да се уреди свлечиште на земја, рече Касами кој воедно информираше и за дополнителните активности на општината.
„Распределени се и две дозволи за градба, за реконструкција на стадионот и за улицата „Борис Кидрич“, рече Касами.
На новинарско прашање што ќе се прави со стариот градски стадион, Касами рече дека можна е продажба на земјиштето со цел да се прават згради, а средствата да се користат за обнова на поголемиот стадион.
„Во таков случај ќе има терен со природна трева на Спортскиот центар. Но ако успееме да обезбедиме средства дали од Владата дали од други извори тогаш ќе видиме за која намена ќе го користиме тој дел“, рече Касами.
Општина Тетово со сопствени средства променила цевковод преку реката Пена со цел подобрување на водоснабдувањето за населбите од повисоките населби како Колтук и Два бреста.
ас