Општина Тетово преку профилите на социјалните мрежи побара денес граѓаните да не ги паркираат своите возила на потегот помеѓу мостовите на река Пена кај болницата и на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ со најава дека од утре таму ќе се садат дрвја. Општинските служби уште денес почнале со подигање на паркираните возила со таканаречената „пајак-служба“.
„Апелираме до граѓаните, овој дел во иднина да не го користат како паркиралиште, за да се избегнат непријатни ситуации, во кои ќе треба да интервенира пајак-службата“, соопшти Општина Тетово.
Општина Тетово најави дека утре ќе се потпише меморандум за соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС (UNOPS) по што ќе следува активноста за садење на дрвја на локацијата помеѓу двата моста на реката Пена.