Сите ние сакаме чисто и уредно Тетово, ама тоа да го направи некој друг. По некоја фото вест која ќе ја објавиме за расфрлани отпадоци, во коментарите граѓаните ги обвинуваат службите и властите, а најмалку се самокритични дека населението е тоа кое најмногу придонесува за нечисто Тетово.
Но не е баш така. Доколку отпадоците се стават во канта или контејнер, нема да ги има по улиците, троаторите и тревниците. Во ниту една земја не е предвидено да фрлиш смет на улица и да дојде некој после тебе да го собере и да го стави во канта. Напротив, во сите земји такво поведение и однесување се казнува. Се казнува и овде, ама послабо, па можеби и затоа дел од граѓаните не се совесни па ќе фрлат кај што ќе стигнат. Иако покрај тој фрлен смет тие самите утредента ќе поминат и ќе видат една неубава слика.
Секогаш се прашувам, од каде е таа потреба кај голем дел поединци, да се остави ѓубрето на место кое не е предвидено за такво нешто. Ако нема во близина канта или контејнер, зарем е толку тешко да се однесе отпадокот некој метар повеќе за да се остави таму. Нити законски нити етички не е добро, лошо е да оставиш ѓубре кај ќе ти текне, а потоа да обвинуваш дека некој друг треба да се грижи за комуналната чистота во градот.
За ваквите прилики секогаш ми текнува на американскиот претседател Џон Кенеди и неговата позната реченица/максима – „Не прашувај што може да направи државата за тебе, тукушто можеш ти да направиш за државата“.
Ама ни Кенеди не е потребен за да имаш чист град. Едноставна е работата земи го отпадокот и стави во кантата и контејнер што е најблиску до тебе, нема некоја филозофија, нема многу работа, а придонесот е голем. Со оставање на сметот на тротоарот по кој чекориш го правиш проблемот уште поголем, а доколку го ставиш во канта придонесуваш за почист град. И од тебе зависи.
Александар Самарџиев
новинар и уредник на Тетово инфо