Планинарскиот клуб „Јелак“, во соработка со Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи и Македонската Православна Црква, в недела 22 октомври по шести пат ја организира планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, која беше за прв пат одржана 2018 година по повод јубилејот „1000 години Охридска Архиепископија“. Организаторите ги повикуваат заинтересираните до сабота најдоцна до пладне да се пријават доколку сакаат да ја поминат патеката.
Патеката е поставена истата година во рамките на низата настани по повод чествувањето на еден милениум постоење на Охридската Архиепископија.
– Пешачењето тргнува од село Блаце и завршува во село Волковија. Акцијата спаѓа во лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е и за почетници и за поискусни планинари, рекреативци и вљубеници во природата со кондиција за движење. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва, информира Владимир Трпковски дел од организациската екипа на ПК „Јелак“.
Долж патеката сè поминува покрај повеќе православни цркви, археолошки локалитет – месност „Граиште“ во Стенче, движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“ и слично. Вкупна должина на патеката е 9 километри. Во 2019 година во рамки на акцијата беа засадени околу 150 дрвца долж „Милениумска патека“
Тргнување од Тетово е предвидено во 8 часот од пред Центарот за култура, од Блаце колоната тргнува околу 9 часот.
Повеќе за настанот тука
ас