Здружението за култура и уметност „Традита“-Тетово почна со реализирање на проектот „Заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планина – социјален императив“. Во рамките на првата фаза предвидени се трибини со ученици од основни и средни училишта во општините Тетово, Теарце и Боговиње.
Откако во септември се одржа трибина во средното училиште „8 Септември“, а денес се организираше трибина пред учениците во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце. Во ноември ќе има иста активност во училиште во рамки на Општина Боговиње.
„Главната цел на проектот е подигнување на свеста на сите граѓани кои живеат во регионот на Шар Планина за нејзина заштита од понатамошно деградирање. Ова е првата фаза и се надеваме дека со оваа трибина во Теарце ќе влијаеме да се намали понатамошното уништување на флората и фауната на Шар Планина и за подолгорочна нејзина заштита. Втора фаза ќе продолжи во јануари 2025 со креирање видео материјали со кои ќе се продолжи со сензибилизирање на локалното население. Во март 2025 година каде што има дива сеча на Шар Планина ќе се оди со садење на дрвја и тоа ќе биде како главен настан. Во завршната фаза во април 2025 одина е предвидено одржување на научна конференција, за утврдување на чекори што ќе бидат направени да се заштити Шар Планина, изјави претседателот на Здружението „Традита“, Селам Сулејмани.
Агрон Салихи, во својство на експерт, изјави дека биодиверзитетот е еден од најголемите глобални проблеми.
„Се проценува дека тековниот тренд на закани за екосистемите на природата, претставува ризик за иднината на човештвото и може да предизвикува сериозни последици во природата. Според најновите научни податоци, од 1992 година, кога се одржа Самитот во Рио, околу 11,4% од недопрените природни средини во светот се изменети од човекот. Се претпоставува дека само во последните 50 години, човечките активности го променија биодиверзитетот на планетата повеќе од секоја друга етапа од историјата на човештвото. Експертите проценуваат дека доколку продолжи овој тренд, загубата на биодиверзитетот ќе има фатални последици за човештвото. Најновите научни проценки предвидуваат дека со сегашните стапки на уништување на шумите, во следните 25 до 30 години може да исчезнат до 10% од видовите познати на планетата.“- изјави Агрон Салихи.
Во завршниот дел од неговото предавање пред учениците, тој рече дека последиците од оваа загуба ќе се одразат и врз глобалната економија и општествениот развој во целина, имајќи предвид дека околу 40% од светската економија и 80% од човечките потреби се задоволуваат од биолошките ресурси.
Проектот „Заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планина – социјален императив“ се спроведува од Здружението „Традита“ во рамките на проектот „Одржливо користење на природните ресурси (Кораб-Коритник – Шар Планина и Албанските Алпи), поддржан од ЦНВП-ПОНТ.