На прес-конференција вечерва во Тетово поранешниот лидер и актуелен претседател на Централното собрание на Алијанса за Албанците (АА) Зиадин Села порача дека партијата ќе оди сама на избори со што се спротистави на актуелниот претседател Арбен Таравари АА да биде дел од заедничката албанска опозиција на изборите во мај.
-Оваа сабота jа свикувам седницата на централното собрание, според тоа што ми го налага статутот, а тоа е дека јас имам право да го свикам собранието. Индивидуата, без разлика дали е претседател на партија или било која позиција да ја носи, не може да носи одлуки.Тој може само да предлага.Органите кои носат одлуки се колективните органи како што е централното претседателство на партијата.Ние во моментот, иако се зборува по социјалните мрежи дека има понуди и така натаму нема никаква понуда.АА како прво не се продава, не е на пазар. А не може никој без да знае и која е цената да ја продава.Затоа ние последниот став што го имаме во партија во централното претседателство на партијата, дека АА оди сама на избори, став кој е искажан и од страна на претседателот на АА, господин Таравари, став искажан од 99 отсто од членовите на централното собрание, истакна Села на прес-конфренцијата.
Претходно на официјалната Фејсбук страница на АА беше објавено дека Таравари откако вчера јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, за 24 часа се собрани потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена колку што брои Централното собрание на партијата.
Арбен Таравари вчера најави дека ќе се приклучат на албанскиот опозициски фронт, но за тоа му се спротиставија Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката Илире Даути.