Во преполната концертна сала на тетовското музичко училиште вечерва се промовираше книгата „Мајката на светот“ што е прво поетско дело на младата авторка Марија Светозаревиќ. Присутните гости на промоцијата ги слушнаа стиховите кои Марија ги има создадено и зачувано во оваа стихозбирка. Поетите Александар Русјаков и Перица Сарџоски пред публиката доловија што значат стиховите запишани во оваа книга.
– Стихозборката на Марија Светозаревиќ наликува на дневник на млад астрален вивнат во неописивите предели на надреалното, она небо во кое корен пуштила душата на оваа земја, од каде што нашата поетеса чини обид низ збор да ги долови невозможните структури на надсвеста. Онаа лулка во која оваа наша мајка не има задоени со љубов вонземна кое го вознесува животот кон нови неба, нови предели. Поезијата на Марија е во ран цут, од кои наѕираат фидани од кои допрва ќе зреат плодови, истакна Перица Сарџоски.
Александар Русјаков рече дека во светот пет проценти читаат книжевност, а најмалку се чита поезија, па затоа е убаво е кога ќе види човек толку многу народ на промоција на поезија. Посочи дека повеќе пати ја прочитал стихозбирката и сфатил дека Марија која е сликарка, слика со зборовите и пее во слики и така прави една совршена целина.
Според Русјаков кога ќе се чита оваа поезијата ќе може да се види колку еден млад човек ги познава работите за кои многумина мислат дека е потребна зрелост односно старост.
– Ја прочитав три пати, првиот пат затоа што бев многу фасциниран и изненаден. Вториот пат затоа што бев возбуден и третиот пат затоа што решив дадам се од себе колку што можам да и помогнам оваа збирка да го види денот. Поезијата на Марија Светозаревиќ е жена од чувства, затоа што нема ништо покомплексно од мајката на светот од каде што црпела инспирација. А инспирацијата во овој случај ја цртала ќерката на вселената. Зошто сакам да кажам дека чувствувам поезијата како да читам непозната жена. Затоа што поезијата е како жена, оваа поезија, многу едноставна во својата комплексност и многу е комплексна во својата едноставност. Многу е сурова во својата добрина и многу е добра во својата суровост. Многу е бунтовна во својот мир и многу е мирна во својата бунтовност. Марија созреала преку својата поезија, јас не и го познавам добро сликарство, но овде најдов нешто – поезијата е ѕвездена, космичка и прекрасна, истакна промоторот Александар Русјаков.
Авторката рече дека инспирацијата ја црпела од мајчинството како тема.
– Едноставно, се работи за тој еден, мајчински пристап во духовноста, во животот. Се работи за таа една потреба, за таа една мајчинска нега. Обработена е таа перспектива баш од секој аспект и е опфатена така. На крај секако тука е и најголемата мајка на светот – планетата Земја, истакна Марија на промоцијата.
Марија Светозаревиќ е родена 1998 година и има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
ас