Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со засилени контролни активности на возилата кои учествуваат во јавниот превоз на патници со посебен акцент на возилата – учесници во меѓуградскиот автобуски и друг превоз. При контролата, на тетовското подрачје биле откриени и санкционирани едно возило со неисправни сопирачки и 2 други видови сообраќајни прекршоци, а на гостиварското подрачје 2 технички неисправни возила, 1 лице кое го управувало возилото без положен возачки испит и валидна дозвола и 1 лице кое непоседувало уверение за вршење на ваков превоз. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци со парични глоби кои, зависно од видот и карактерот на прекршокот, се движат од 250 до 400 евра во денарска противвредност.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до учесниците во јавен превоз на патници докрај да ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи кои се однесуваат на техничката исправност на возилата што ги управуваат, да не седнуваат зад управувачот без положен возачки испит и адекватна возачка дозвола, да избегнуваат претовар во возилата и друго. Контроли со несмалено темпо и динамика планирани се и во наредниот период во функција на непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на подрачјето и пошироко.