Ски лифтовите и ратраците сè уште се оспособуваат за работа во пресрет на скијачката сезона, информираше денес Абдулгани Алији новиот управител на државното Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт Ски-центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово. Тој е назначен од 1 ноември. Од седумте ски лифтови и жичници, оспособени се само два.
„Нашите вработени работат на проверка и отстранувања на дефекти на ски лифтовите и ратраците. Имало дефекти но се отстранети и гледаме сите ски лифтови да бидат подготвени за скијачката сезона. Во моментот се проверени и подготвени за работа ски лифтовите Ге и Аеродром, а во тек е двоседот“, истакна Алији.
Само еден од двата хотели ќе функционираат зимава на Попова Шапка.
„Оваа сезона планираме да работи хотел Славија бидејќи има услови. Хотел Попова Шапка е во многу лоша состојба и нема услови да се пушти да работи“, изјави Алији.
Директорот Алији на средбата со новинарите информираше дека засега 42 луѓе се вработени во Друштвото кои се соочуваат со доцнење на две плати. Според систематизација треба да има 79 вработени за што вели дека ќе се изготви годишен план за наредната година за вработување.
Сезонски билетите за ски лифтовите од минатата година ќе важат и оваа година.