Со полициски хеликоптер извлечена повредена скијачка од Попова Шапка
Центарот за управување со кризи информира дека бил употребен хеликоптер за да се пренесе повредена жена од скијање во месноста Орлов камен на Попова Шапка. По барање на ЦУК бил употребен хеликоптер Ми 171 на Хеликоптерската единица за полициски намери при одделот за воздухопловни единици на МВР.
„На единствениот повикувачки број за итни повици 112 во ЦУК во 14:20 часот волонтер од Охридска спасителна служба, којшто е и водич на туристичка група – скијачи од странство, пријави дека туристка од Австрија при пад во слободно скијање кај месноста „Орлов камен“ на Попова Шапка се здобила со повреда на ребрата. Заради сериозноста на повредата, а и други здравствени специфичности, не била во можност да се движи. Побаран бил хеликоптер за спасување за транспорт до болница, информираат од ЦУК
Повредената австијка информирала дека претходно имала операција на рбетниот столб и на него имала вградена метална шипка со штрафови.
„На местото на настанот има пристигнато ратрак и луѓе за поддршка, но состојбата на повредената и комуникацијата со нејзе, индицирала дека транспортот со ратрак заради проблемот со ’рбетот од минатото, како и сегашната дополнителна повреда, би довел до поголеми компликации. Заради специфичноста на итниот случај за повредената бил побаран транспорт со хеликоптер од местото на настанот до болница во Скопје“, информира ЦУК.