Пред речиси три години во Тетово, општината заедно со невладина организација од Скопје наспроти плоштадот и пред Центарот за култура го поставија еколошкиот билборд. Беше претставено како „Градско дрво“ кое треба да го прочистува загадениот воздухот, со тврдење дека ќе заменува 275 вистински дрва, а чинеше 25 илјади евра.
Функционалноста беше објаснета како вертикална структура со комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон, а имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно. Иницијаторите потенцираа дека со тоа и градовите низ Македонија стануваат дел од современите светски текови за подобра животна средина. Пари за тоа дадоа најмоќните компании.
Но, три години подоцна ова градско дрво воопшто не функционира и е далеку од состојбата кога беше поставено. Во речиси различните новинарски написи oправдувањата и образложенијата на општината за состојбата на дрвото се дека е расипана пумпата за дотур на вода па се чека од Германија. Од невладината за медиумите велат дека може да се постават нови садници, ама се чека локалните служби да ги повикаат бидејќи е сопственост на општината.
И така оставено само на себе денес во 2020 година наводниот прочистувач на воздух или замена на дрвја е далеку од намената за која беше поставен и повеќе личи на градски контејнер отколку на било што друго. Мововите се тотално исушени, дел од нив ги нема, затоа што несовесните граѓани посакале да си имаат за дома, па си ги зеле. На секое место каде можело, оставени се отпадоци, претежно пластика, најлони и слични материјали. Наградено е со шкртаници, плакати.
Ваков каков што е сега овој билборд ја прикажува сликата и приликата на нашето секојдневие и односот на луѓето, поединците, групите, институциите и воопшто општеството кон животната средина. Ја покажува сета еколошка несовесност и негрижа за она што впрочем најмногу треба да внимаваме-нашата природна околина како важен елемент за човековото здравје.
Градското дрво можеше да функционира како прочистувач на воздухот и да биде убав пример дека општината навистина има намера да го намали аерозагадувањето. Воедно и да поттикнува и други луѓе и институции да направат нешто за подобра животна средина. Тоа ќе значеше и добар почеток за надминувањето на постојаните декларативните заложби дека се бориме против загадениот воздух . За жал, вака на дело се покажа она во што сме најдобри како општество-повеќе зборување отколку дејствување, а воедно постојано манифестирање и практикување несовесни постапки и негрижа за животна средина. Поединците, општините, институциите никако да покажат конкретна желба, намера, доблест и умеење да направат подобра животна средина.
Единствено што постојано се одржува и продолжува е несовесноста која се манифестира со постојано фрлање отпадоци и други слични примери. Иако тоа не функционира, надлежните немаат промена на системот за одржување на градската чистота или справување со депонии.
Во ваква ситуација слободно можеме да го прогласиме градското дрво за „споменик“ на еколошката несовесност и негрижа во Тетово. Барем да има некаква „корист“ од неговото поставување кога веќе не се погрижија за да служи како прочистувач на воздухот.
Александар Самарџиев
info@tetovoinfo.mk