Делови од Тетово деновите од викендот ги поминуваат без вода за пиење, поради недоволно вода во системот, поточно поради прекин на дотокот на вода од новиот водоснабдителен систем.
Тој систем автоматски го прекинува снабдувањето со вода поради забележано заматување на водата која се зема од шарпланинските реки, појава која се јавува кога има интензивни врнежи од дожд.
Поради оваа ситуација со системот, делови од Тетово останаа без вода за пиење и во саботата и денес.
– На улицата „Браќа Миладинови“ од вчера сабајле сабота до денес попладне сè уште нема вода за пиење, пишуваат граѓаните до нашата редакција.
Од работната единица Водовод и канализација при ЈКП Тетово информираат дека во моментот обилност на изворите на вода од стариот водоснабдителен систем изнесува 190 литри во секунда што не е доволно за градот Тетово. За оптимално снабдување потребни се 300 литри вода во секунда.
– Со оглед дека врнежите со дожд прекинаа, во недела од утрото, водата која пристига од планинските реки во пречистителната филтер станицата е бистра, покажуваат мерните инструменти и ние ја пуштаме во систем. Но, потребно е време додека количините вода пристигнат до граѓаните, информира Љуљзим Шаќири, раководител на тетовскиот водовод.
Според раководителот недостигот со вода се јавува пред сè кај зградите без хидрофор и цистерни за вода.
ас