Од денес на располагање на жителите во тетовска Брвеница се фудбалско игралиште со вештачка трева, ново кошаркарско игралиште со полипропиленски под и трибини за 200 гледачи. Градоначалникот на Општина Брвеница и министерот за спорт Борко Ристовски ја соопштија информацијата преку социјалната мрежа Фејсбук.
„Ова современо игралиште, изградено со вештачка трева според највисоките ФИФА стандарди, терен за кошарка со соодветна подлога и трибини за гледачи претставува вистинска гордост за Брвеница и место каде што младите ќе може да спортуваат и да напредуваат. Со слични проекти продолжуваме и во другите населени места во општина Брвеница“, истакна градоначалникот на Општина Брвеница Јовица Илиевски.
Реконструкцијата на ова игралиште е дел од проектите на Министерството за спорт за унапредување на спортската инфраструктура низ Македонија.
„Денеска, заедно со градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, го пуштивме во употреба новото мултифункционално игралиште. Министерството за спорт продолжува со проектите и со заложбите за подобрување на спортската инфраструктура низ цела Македонија. Инвестираме во иднината на македонскиот спорт“, истакна Борко Ристовски.
фото Фејсбук профил Борко Ристовски