По втор пат денес во Основниот суд во Тетово се одложи почетокот на повторното судење на Менсур Пајазити кој е обвинет за сообраќајната несреќа во 2022 година во која животот го загуби 22 годишната Теодора Ристовска. Обвинетиот доставил поднесок до судот за да извести дека нема да дојде поради здравствени причини, образложи судијата Елведин Ферати. Тој донесе решение главната расправа да се одложи за 7 април 2025 година во 12 часот и 30 минути.
„Од наша страна ќе биде проверено дали навистина е во болница, дали навистина му е потребно лекување. И дали во овој период од одлагањето тој се јавува на работа затоа што е наставник во гимназија во Тетово. Затоа што, ако е на боледување, како оди на работа што ќе се потрудиме до наредната расправа да добиеме одговор од надлежните институции“, изјави адвокат Наташа Ѓорчевска, бранител на семејството на Теодора.
Со солзи во очите таткото на Теодора, Круме рече дека мора да има системски промени вво судот затоа што се озвоможуваат одолговлекувања на вакви трагедии во кои животите ги убат млади луѓе.
„Мора да има системски промени. Како може Апелација да ја укине пресудата од 3,5 години. Јас се сомневам на можен поткуп. Како може истиот да се жали до Врховен суд, а ние немаме право на жалба. Го молам и претседателот на Владата да преземе одговорност за оваа работа, мора да има системски промени. Три години не мачат. Ќерка од 22 години ја изгубив, ја убија. Мора да се борам за неа, јас плачам за правда. Не плачам за друго. А правдата ја нема во Македонија, изјави Круме Ристовски
Група млади лица пред Основниот суд во Тетово протестираа и истакнаа транспаренти преку кои се бара правда за Теодора.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, првото судење почна скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември 2023 по признавање на вина на возачот, бил осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
ас