Три години по ред шампиони и две куп титули, односно две години двојна доминација во женскиот фудбал бележи Женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово. Минатата сабота со победа ЖФК Љуботен го обезбеди првото место и титулата и трет пехар по ред. Но оваа огромно достигнување е направено со сопствени сили, без поддршка од локалната власт како што тоа го имаат другите клубови.
„Општината не дава средства. Разочарани сме комплетно од градоначалникот. Пред изборите дојде се сликаше со нас, ни ветуваше, се надевавме дека сака да помогне. Нула денари финансиска помош. Она што е сатисфакција да честита титула и тоа го нема. Ни на негов Фејсбук, ни на општината Фејсбук. Лично да посака не постои, само ако лобира некој“, вели потпретседателот и тренер на првата екипа, Драгољуб Јовановски
Тој вели дека спехот годинава се базира на квалитетот на фудбалерките во клубот, односно главната екипа ја сочинуваат пет Бразилки и десетина македонски сениорски и младински репрезентативки.
„Од 16 играчи во ростер можеше која било да игра во прва екипа. Се случија пехови, се повреди Бразилката Присила и тоа во последните неколку кола, а беше главен гол играч. Се повредија и другите Бразилки, па товарот го понесоа нашите домашните играчи. Ние го собираме квалитетот, имаме четири сениорска репрезентативки, потоа три девојки кои се дел репрезентација под 19 години, под 17 имаме две, под 15 една. Што значи сите фудбалерки ние се репрезентативки“, објаснува Драгољуб Јовановски.
За да потрае оваа успешна приказна, Јовановски се надева на поддршка од бизнис секторот.
„Првата година трошоците беа далеку помалку. Платите за Бразилките беа 500-600 евра, а сега двојно и повеќе. Што значи буџетот нас ние е 160 до 180 илјади евра, што за мене како единка е премногу голема. Дел од средствата ни стигаат преку ФФМ, дел од Лига на шампиони, дел од ваучери но не се доволни за да се покрие се. За да продолжи приказната нас ни се потребни да најдеме спонзори, да покријат дел од таа сума, вели Јовановски.
Во среда 5 јуни ќе се знае со кого ќе игра ЖФК Љуботен вопретквалификацискиот турнир за Лига на шампиони.
„Системот е турнир група предквалификациска група и се оди во главната квалификациска група, има екипи што може да се носиме, има екипи што и да направиме ништо не можеме да направиме. Но ако се случи да влезе во главниот квалификациски турнир, многу ќе значи за нашиот клуб и од финансиски и од натпреварувачки карактер“, вели Драгољуб.
Свој тренинг центар и развој на младински екипи е долгорочна желба и стратегија во клубот. Тоа е потребно затоа што речиси сите сениорски екипи и младински категории на фудбалските клубови тренираат само на игралиштето на Агенцијата за млади и спорт со вештачка трева.
Годинава од 27 натпревари ЖФК Љуботен победи во 23, три пати играше нерешено и имаше само еден пораз од Каменица Саса. Тетовските девојки дадоа 121 гол, а примиле 19 или позитивна гол-разлика од 102 гола. Второпласираната Каменица Саса од 27 натпревари има 22 победи и пет нерешени дуели, без ниту една пораз. Гол разлика 81:16 или +65 голови.
фото ЖФК Љуботен