При денешната прес-конференција на техничкиот премиер Талат Џафери во Палчиште, претставник на месната заедница побара одговорност од Владата и Општина Боговиње затоа што со децении се соочуваат со недостиг на вода за пиење.
Во Палчиште Талат Џафери дојде да види како се одвива изградбата на патот што ќе го поврзе селото со автопатот Тетово-Гостивар.
„Овде нема наши соселани. Причината зошто соселаните не се тука е проблемот со водата. Имавме случај, починат печалбар беше донесен за погреб во родното место, но немаме вода. Сите изјави и ветувања во медиумите за Палчиште и ниту едно не е реализирано до крај. Сакаме да знаеме каде лежи проблемот и до кога ќе продолжиме без вода“, рече Вулнет Акики, претседател на месната заедница.
Техничкиот премиер рече дека не може да даде рок, а побара време да ги види документите за да почне да се занимава со случајот.
Мештаните предупредија дека ако нема решение од 15 април повторно ќе протестираат.