Празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица со богослужби се прославува денес во повеќе храмови низ тетовско-гостиварската епархијата, а централната прослава и воедно одбележувањето на манастирската слава се оддржи во Лешочкиот манастирски комплекс „Пресвета Богородица и свети Атанасиј Велики“.
Вчера 27 август четврток со почеток во 16 часот се отслужи празнична Вечерна богослужба, која ја отслужи митрополитот г. Јосиф во сослужение со тетовските свештеници.
Во својата беседа г Јосиф порача дека поради страшната пандемија верниците се молат Богородица да донесе среќа и здравје на секоја човечка душа, особено за оние што се болни и што страдаат.
-Да се помолиме Богородица Мајка да ни помогне пред сè да станеме подобри луѓе. Овој празник нека нè потсети на љубовта и почитта кон родителите и кон нашата обврска да се грижиме за постарите. Правете им добро за добро и вам да ви се врати. И, како што рекол нашиот народ не копајте гроб на друг, оти сами ќе паднете во него, истакна владиката Јосиф.
Денес на Успение, ние не ја славиме смртта, туку заспивањето и вознесувањето, заминувањето на небото, воскреснувањето како со душата, така и со телото на Пресвета Богородица, која бдее над нашите души, чувајќи ги од злото и подготвувајќи ги за доброто и за вечниот живот, истакна надлежниот митрополит за денешниот празник.
– Еден празник достојно се прославува доколку го посетиме храмот Господов, доколку сме присуствувале на богослужението, доколку сме постеле, исповедале и како круна на сè доколку сме се причестиле со Светите Христови тајни. Подготовките за овој значаен празник започнаа пред две недели, со почетокот на Богородичниот пост, а денес е централното чествување. Оние што во овој период постеле, се исповедале и добиле благослов од својот духовен отец приоѓаат и се причестуваат со Телото и Крвта Христови, рече владиката.
Денес 28 август за празникот Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир, света литургија чиноначалствуваше митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение на надлежниот епархиски архереј на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф.
Своја празнична беседа произнесе митрополитот г. Пимен, говорејќи за денешниот празник. На литургијата, верниот народ, кој со пост, молитва и исповед се подготвуваше во текот на Богородичниот пост, се причести со светите тајни. По литургијата беа благословени кумските лебови.
Покрај во Лешок, Успение на Пресвета Богородица во тетовско како храмова слава ја празнуваат црквите именувани Света Богородица во Тетово, Џепчиште, Брезно и Теарце.
А.С