Неприлагодената брзина според условите на патот и неправилното вршење на дејствие и во текот на минатиот месец (октомври) биле најчестите причини за регистрираните сообраќајни несреќи на поширокото тетовско подрачје, информираат од Секторот за внатрешни работи во Тетово.
Близу две третини од вкупно 63-те несреќи биле резултат на овие две причини и се случиле во движење, претежно во населено место (42), додека 21 несреќа била на отворен пат.
Најмногу 34 несреќи регистрирани се во периодот од 12 до 22 часот. Во октомвриските несреќи нема загинати лица, додека вкупно повредени биле 44 лица, пред се сопатници (36), како и 8 пешаци.
-Во октомври годинава намален е бројот на „сообраќајки“ споредено со ланскиот октомври, а „полесни“, ако така може да се рече, се и последиците од случените сообраќајни несреќи. Затоа, пак, минатиот месец засилени се вкупните контроли за брзина, алкохол и техничка исправност на возилата, учесници во сообраќајот, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Инаку, половина од несреќите завршиле само со причинета материјална штета, која кумулативно се проценува на околу 2 и пол милиони денари.