Нов случај со физички напад во тетовската болница, а овој пат пациент пријавил дека бил нападнат од лекар. Настанот се случил во неделата околу 17 часот и 30 минути.
-В.С.(67) од село Брвеница пријавил дека истиот ден околу 17.30 часот додека бил на преглед во Клиничката болница во Тетово бил физички нападнат од Ш.Ф, лекар во болницата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти денес СВР Тетово.
Според неофицијални извори пациентот бил на закажан преглед кај друг лекар. Пријавениот лекар влегол во просторијата и му забележал на 67 годишникот на тоа што на висок тон разговарал на телефон додека се наоѓа во болница и го удрел со нога.
За само три дена ова е втор инцидент со физички напад во тетоската болница. Во петокот лекар од кожното одделение беше нападнат и повреден. За нападот двајца браќа добија осум дена притвор и кривична пријава за насилство.