За оние семејства кои имаат по повеќе деца па им требаат многу компјутери за онлајн настава, Царовска ја потенцираше можноста за следење настава од далечина и на националниот телевизиски сервис. И таму ќе има часови од утре согласно распоредите на училиштата и одделенијата.
-Она што утврдивме на сам почеток и на самиот план, децата ќе имаат можност во даден распоред на три канали на МТВ да следат на својот јазик 15 минутни часови од прво до деветто одделение и тоа е важен инструмент кој се користи и во другите држави за децата кои немаат пристап. Секако и училиштата ќе треба да принтаат и материјали кои што ќе бидат доставувани до родителите за да може децата да извршуваат домашните задачи и да добиваат инструкција за работа во домашни услови. Ова е за оние кои нема да можат да се приклучат онлајн. Секако ќе беше добро како држава претходно 15 години да инвестираме во дигитализација и во образованието и сите деца да имаат пристап до интернет и до ИТ опрема но тоа треба да биде задача и лекција за во наредниот период. Во овој период наоѓаме начин флексибилен на кој што секое ќе биде изложено на добивање информации и знаење и стимулации на нивниот развој, истакна Царовска од Тетово каде беше во посета на основното училиште „Кирил и Методиј“.
Во општина Тетово ниту едно од училиштата не доби дозвола за настава од четврто до деветто одделение со физичко присуство. Пример е ова училиште кое иако има одлични инфраструктурни услови, проблем е преголем број ученици.
-Не одлучувам ни јас,ни градоначалничката. Има комисија експертска со тројца претстваници кои велат дека има преголем број на ученици и нема услови. Ако рекле тие така да го почитуваме тоа затоа што тие знаат подобро од сите нас. Едно се желбите овој пат, а друго се реални можности. Јавното здравје на населението е пред се. Во ова училиште се подготвиле според сите протоколи по сите стандарди, работеле и на обука на наставен кадар, приклучување на платформа и тестирања имале и се надевам ќе успееме во постојано пракса и користење на електронските алатки во сите училишта во државата, рече Царовска.
Таа потенцираше дека тековно се јавуваат и се надминуваат сите проблеми со националната платформа за учење.
-Добиваат наставниците инструцкии и важно е да ги следат и порталот и веб страната на министерството за сите нови инструцкии кои се даваат таму и можеме да да имаме добар старт за да се поврзат со учениците и да го одржат класниот час и понатаму да работиме сите заеднички. Го правиме првиот чекор кон дигитализацијата на образованието, рече Царовска.
Градоначалничката Арифи истакна дека соработката на сите нивоа ќе биде клучна за одвивањето на наставата во услови на пандемија.
-Сите сме свесни дека ова е чувствителен период, школска година што не личи на други. Сите мора да бидеме солидарни и со разбирање во целиот овој процес“, рече градоначалничката Арифи, заблагодарувајќи се за реконструкцијата на покривот на училиштето направена со средства на МОН.
Општината и Министерствата за образование како и за Труд и социјална работа започнаа процедура за почеток на градба на нов објект во дворот на ОУ „Кирил и Методиј“ каде ќе функционира градинка.
А.С