Во објектите на општинската јавна установа детски градинки „Младост“ во Тетово според протоколите за работа во услови на пандемија овозможено е згрижување на 200 деца, а на денешниот прв ден биле дојдени 98 деца, информираа денес од таму.
-Првиот работен ден поминува без проблеми. На сите 98 деца кои беа примени согласно новите правила за прием, им беше мерена температура и извршени мерки за дезинфекција. Од страна на службеници на Државен санитарен и здравствен инспекторат беше извршена контрола и исто така немаше утврдено недостатоци, изјави директорката Рамие Даути.
До петок треба сите останати родители да ја исполнат обврската за приложување на потврди дека мора да одат на работни места и не се во можност да ги чуваат своите деца.
-Изминатите 6 месеци нашиот тим – вработени во ОЈУДГ„Младост“ максимално се посвети кон одржување на хигиена на градинката, се со цел да се обезбеди чиста, здрава и безбедна средина за децата. Нашата градинка е подготвена за безбедно згрижување, престој и воспитание на децата. Овој 9-ти септември по се е поинаков од претходните почетоци на воспитната година, освен по радоста и смеата што децата ја внесуваат во градинка. Почетокот на оваа воспитна година започна со нов ред и правила, по посочениот протокол од Влада на Република Северна Македонија, е денешната порака од вработените во тетовските градинки.
Како и во сите останатите градинки низ државата, во групите до 3 години ќе има само по шест деца, а во групите до шест години до 15 деца.
А.С