Општинската организација на Сојузот на борци во Тетово и Музејот на тетовскиот крај денес одржаа одбележување на стрелањето на 16-те партизани на Тетовското Кале, инаку членови на првата косовско-метохиска народна бригада во 1944 година. Беше оддадена почит со минута молчење и положено цвеќе на споменикот за нив поставен на Калето.
-Овие шеснаесет храби и млади борци се заробени на повеќе локации каде бригадата водела жестоки битки со балистичкото движење во Полошкиот регион и на денешен ден врзани за раце со јаже биле стрелани. Оваа Прва Косовско-метохиска бригада била составена од борци од селата во Поречието, а предводена од воениот командант Зуфер Мусиќ, истакна Јоцко Димитриевски, претседател на Општинската организација на Сојузот на борци.
Четиринаесет од стреланите партизани биле од поречките села,а двајца од Вратница. Најмладиот од нив, Велимир Трајковски од Томино село имал 16 години, а тројцата најстари имале по 34 години.