Откако судот во Тетово одлучи да има супервештачење за да се утврди како ќе се исплаќаат додатоци на плата за пожарникарите, синдикалната организација одлучи да не учествува во процесот и средствата да ги донира во хуманитарни цели. До супервештачење дојде откако судот утврдил разлика има во ставовите на вештакот од општината од една страна и вештакот од синдикатот од друга страна околу износите на додатоците како што се дежурствата , празнични и викенд дневници и прекувременото работење. Дел од парите треба да ги обезбеди општината, а дел синдикатот на пожарникарите.
-Вештакот на синдикатот вештачел во повеќе случаи и во повеќе градови, каде Судот ги прифатил вештачењата и одлучил дека треба да се исплаќаат додатоци за плата како секаде низ Македонија. Тоа не е така само во Тетово. Судот сега наложи супервештачење, кое сметаме дека не е потребно, а воедно е и многу скапо. Само за еден пожарникар вештачење на исплатата на плата е околу 550 евра, а има над 50 лица или вкупно околу 30 илјади евра. Затоа одлучивме судот да пресуди и без тоа супервештачење, а парите кои ги имаме да одат во хуманитарни цели, велат тетовските пожарникари членови на независниот синдикат на државна управа.
Во јуни беше постигнат договорот меѓу претставниците на синдикатот на пожарникарите во Тетово и градоначалничката Теута Арифи. Двете страни формираа работна група која има задача да го реализира договорот преку вонсудски договори. Досега е договорено и реализирано зголемување за 20 бодови на листата за плата на пожарникарите.