47 годишниот Велибор Јаќимовски, претседател на Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“ Тетово и Гостивар за прв пат откако 29 години е во инвалидска количка сам успеа денес да влезе во објектот на општината преку пристапна рампа со лифт за да може да присуствува на пригоден настан по повод меѓународниот ден на лица со посебни потреби.
-Со обичка количка ме дигале тројца луѓе на раце и така сум влегол на два три пати во општината. Сега сам успеав, треба мала корекција на рампата но секој случај одлично што општината да се сети да го постави лифтот, изјави Велибор Јаќимовски.
Тетовската градоначалничка Теута Арифи истакна дека наследиле непристапна рампа која е заменета од нивна страна.
-Сега е функционална рампата, ако има детали ќе ги разрешиме. Сметаме дека во текот на оваа година направивме значаен исчекор во подобрување на условите за лицата со посебни потреби. Туѕка ги издвојуваме проектите за пристапноста во текстилното училиште и во ОУ Лирија. Исто така имаме 22 психолози и терпевти кои може да работат со секое дете со аутизам како лични асистенти, и сите кои имаат потреба може да добијат таква помош, рече Арифи.
Во рамки на Проектот „Инклузивни партнерства во заедниците на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ беа споделени позитивните искуства од проектните активности реализирани во партнерските општини.
–Ние подготвивме документ каде се опишува идеалната заедница и поставува одредени цели на кои на начини треба да се задоволат посебните потреби. Општините понатаму треба да подготват акциски планови. При самопроценката наидовме на добри практики како иницијативите за лични асисистени и слично но најголема пречка е неразбирање од лица со типичен развој и предрасудите и затоа мислиме дека треба да се работи на промена на ставот и мислењето. Овој инструмент воедно е аларм и будилник за состојбите, рече Елена Мишиќ од проектен координатор во Фондацијата.
Проектот се спроведува во шест општини со цел да има посеопфатно надминување на проблемите, а не само во одредени сектори.