Секторот за внатрешни работи Тетово упатува апел до сопствениците на кафулиња, дискотеки и други угостителски објекти да внимаваат на јачината на музиката што ја пуштаат во нивните локали или ја свират музичките групи. Истовремено ги потсетува дека глобата за ваквиот вид прекршок се движи од 500 до 1000 евра во денарска противвредност според член 8 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
-Ова најмногу се однесува на објектите кои се наоѓаат во приземјата на станбените згради Летово и посебно во текот на овој месец, во Полошкиот регион присутна е зголемена раздвиженост во угостителските објекти и пред се во кафулињата и во дискотеките, посебно во вечерните часови. Во овие објекти речиси секојдневно се организираат различни забави и друг вид дружби, неретко проследени со гласна музика, која ги вознемирува другите граѓани, а пред се оние што живејат во близина на угостителските објекти, објаснува портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово апелира, исто така, угостителите да не дозволуваат престојување на малолетници во објектите по 24 часот, ниту да ги послужуваат со алкохолни пијалаци. За послужување алкохол на малолетници, угостителите можат да бидат и кривично гонети.