По повод 25-годишнината од основањето Универзитетот во Тетово одржи Свечената академија. Ректорот Вулнет Амети во пригодниот говор по повод годишнината информираше дека до државните институции е поднесен предлог за нов назив: Универзитетот во Тетово-Фадил Сулејмани, во чест на првиот ректор на оваа установа.
-Овој датум е најважниот за Универзитетот во Тетово и ние мора да изразиме благодарност за тие што дадоа своја лична жртва-материјална но и со своите животи. Без тие напори немаше да ја имаме оваа високообразовна институција. Освен за образованието, како високообразовна институција, Универзитетот во Тетово дава огромен придонес и за унапредувањето на самата држава. Оваа година имавме церемнија на која промовиравме над 1000 апсолвенти, а за тековната 2019/2020 година бележиме над 2500 ново запишани студенти, истакна ректорот Вулнет Амети.
Министерот за образование Арбер Адеми во обраќањето истакна дека и тој доаѓа од Универзитетот во Тетово и добро ги познава заложбите на вработените за пренесување на знаењата.
-Поминаа 25 години од идејата за високо образование на Албанците и Универзитетот веќе станува важна алка која продуцира кадри кои придонесуваат за општеството. Горди сме на конкретните резултати и постигнувања и можеме да кажеме дека идејата на инијаторите е исполнета. Мисијата ќе продолжи и во иднина и силно верувам во одлични резултати. Државата и понатаму ќе го помага Универзитетот, во тек е изградба на студенскиот дом, а како и сите наставни кадри во наредната година ќе има и тука зголемување на платите, рече министерот Арбер Адеми.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека иако универзитетите се автономни институции, за нивно функционирање воспоставен е триаголник кој што се состои од академскиот персонал, студентите и ставката во државниот буџет.
-Улогата на Собранието во овој триаголник, освен што е значајна во постигнувањето на алокација на што повисоки средства за образованието, значајна е и во делот на законодавството во областа на образованието во сите нивоа. Истото треба да биде прилагодено на потребите на современото време. За донесување на што подобри закони, кои и на терен даваат подобри резултати, ние сме ги отвориле вратите за да го чуеме гласот на сите засегнати страни, истакна собранискиот претседател Талат Џафери.
Универзитетот во Тетово по повод годишнината ја додели титурлата почесен доктор на науки на актерот од Албанија, Мируш Кабаши за особен придонес во уметноста.
Свеченоста за одбележување на годишнината заврши со откривање на споменикот „Факелот на сеќавањето“ и статуа на основачот и прв ректор на Универзитетот професор доктор Фадил Сулејмани.
Обележјата се донација на Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“.
А.С