Тетовчанецот Горан Јовановски кој е вработен во Скопје во Агенцијата за вработување, не може да се врати на работното место (раководител на сектор) откако побарал мирување за да биде времено ангажиран во кабинетот на дополнителната заменичка министерка во Министерството за информатичко општество и администрација. Тој потенцира дека Агенцијата води политичка пресметка кон него, недозволувајќи му да се врати на работа, иако секој административен работник кој го ставил работното место во мирување според законските прописи може да се врати. Затоа поднел тужба за мобинг.
-Додека се одлучува за моето право од работен однос, отворено ќе ги споделам сите докази и аргументи во интерес на законито постапување и одбрана на угледот на јавната институција која е раководена од лоши луѓе. Во прилог се доказите кои не им биле потребни на над 50 000 избрани и именувани лица и никој не им го оспорил правото, освен на мене, да се вратат на работно место после мирување Институцијата која би требало да има племенита улога, нејзиното раководство мака мачи како да се ослободи од мене.Добив многу битки во изминативе 3 години ќе ја добијам и оваа а од Агенција за вработување ќе заминам јас кога ќе сака. Како овластен синдикален претставник, застапував мои колеги во фингирани дисциплински постапки во Агенцијата за вработување кои само преку 1 од 5 адвокати кои ја застапуваат АВРМ, има наплатено околу 100 000 евра за 3 години. Политичката нетрпеливост на раководството спрема мене и мои колеги, со овој податок добива и друга димензија , вели Горан Јовановски.
Од Агенцијата за вработување, Јовановски добил известување дека предметот се разгледува. Од Министерството за информатичко општество и администрација добил известување дека Агенцијата треба да го врати на работа.
Од друга страна националните медиуми кои известија за проблемот на Јовановски добиле одговор од Агенцијата дека нема средства определени за вработување на тетовчанецот.
-Агенцијата за вработување нема обезбедено финансиска согласност од Министерство за финансии за пополнување на работно место преку мобилност со распоредување согласно Законот за административни службеници. Предметот детално ќе се разгледа и за истото се прават консултации со надлежни институции, а со цел постапување согласно позитивните законски прописи, по што Агенцијата за вработување откако ќе донесе одлука за постапување ќе го извести господин Горан Јовановски, велат од Агенцијата за вработување за ТВ Алфа.
Горан објаснува дека тоа е немањето средства е лага бидејќи неговото вработување на неопределено е од 2012 година и не е потребна никаква согласност.
-Дополнително ноторна лага е дека нема средства за мене(старо вработување од 2012 за кое не треба согласност) и фактот дека преземањето е реализирано на 20.01.2020 год. кога секој буџет е веќе усвоен а притоа, спротивно на искажаната лага, со договор на определено во АВРМ се ангажирани над 80 лица, вели Горан Јовановски.
А.С