Со света архиерејска литургија утринава по повод празникот Успение на Пресвета Богородица централно одбележување се одржи во Лешочкиот манастир. Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение со тетовските свештеници ја отслужи архиерејска литургија. Потоа во проповедта владиката истакна дека светицата подеднакво се грижи и за сите верници и затоа тие треба да и дадат заслужена почит со постење на Богородичниот пост и присуство на литургиите.
-Богородица, која освен што е мајка на Бога е и наша Мајка, бидејќи подеднакво се грижи и за сите нас. Таа нејзина грижа и благодат се чувствува и во овој манастир. Но, мили мои, да се запрашаме дали ние Неа не ја напуштаме, дали И ја оддаваме заслужената почит, дали го постевме Богородичниот пост, дали присуствуваме на литургиите, дали редовно се молиме, исповедаме и причестуваме? – Да се запрашаме, но никако да не очајуваме доколку не сме го практикувале тоа во својот живот, бидејќи доколку редовно не ги практикуваме овие духовни работи – никогаш не е касно да го направиме тоа. Еве, овој радосен празник е вистинска можност за нов почеток во кој треба да се потрудиме никогаш да не ја напуштиме Богородица, туку постојано да И приоѓаме за застапништво, бидејќи Таа е наша поткрепа во духовниот живот и единствено Таа сè разбира, рече владиката.
Митрополитот истакна дека се надева на обнова на манастирската црква Успение на Пресвета Богородица.
-Во Лешок се чувствува и се живее под закрилата и благословот на Богомајката. Се надеваме дека со Нејзин благослов набрзо ќе се случи и обновата и реконструкцијата на овој важен духовен центар во оваа епархија, рече г. Јосиф.
Лешочкиот манастир најмасовно е посететен во Тетовско за овој празник од страна на верниците. Празникот со црковно-народни собири се одбележува и во црквите Света Богородица во Тетово, Џепчиште, Брезно и месноста Ќелија во Теарце.