Оваа година, кога целиот свет е погоден од страшната пандемија предизвикана од корона-вирусот, можеби како никогаш до сега треба да се молиме на Бога и на светиот Наум за да не запазат од страшната болест, која нажалост го завладеја светот и нашата земја. Ова го посочи денес владиката г. Јосиф, митрополит на тетовско-гостиварската епархија по повод одбележување на патронот на манастирскиот храм на Попова Шапка Свети Наум Охридски Чудотворец .
-Изминатиот период, сите ние се интересиравме за болеста, секојдневно пратиме колку има болни, ги следиме медиумските пресови на надлежните органи, повикуваме и апелираме на внимание и почитување на мерките, но дали при сета таа возбуденост ние наоѓаме време да се помолиме на Бога, Создателот на светот и човекот? – Доколку одговорот е не, овој ден е одлична можност да го направиме тоа, незаборавајќи дека „она што за човекот е невозможно – е возможно за Бога“, истакна во празничната беседа митрополитот г. Јосиф.
Понатаму владиката истакна дека епитетот чудотворец, кој го добил свети Наум е заради безбројните исцеленија, кои се случиле по неговите молитви кон Бога.
-Читајќи го денешното евангелско четиво некако природно ми е да поразговараме за болеста и за најголемиот Лечител – Господ Исус Христос, при кого како што чувме од Евангелието, приоѓале голем број на луѓе, кои сакале да се допрат до Него, „зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лука 6,19). Во Библијата имаме и безброј други места, каде што се зборува за лекување на болни лица: слепи, хроми и суви и итн. Од свештената историја, пак дознаваме дека и по застапништво на светителите се случувале разни исцеленија, кои се случуваат исто и до ден денес. Еден таков светител по чии молитви се случуваат исцеленија на болни е и нашиот денешен светител, преподобниот отец Наум, со чиј живот и дело не верувам дека некој од овде присутните не е запознаен. Епитетот чудотворец, кој го добил свети Наум е заради безбројните исцеленија, кои се случиле по неговите молитви кон Бога. Тој и денес се застапува за нас пред Севишниот Бог и тоа го прави секогаш, никогаш не престанувајќи да твори чудеса. Затоа и ние да пристапуваме често на ова свето место и поклонувајќи се на светиот лик на преподобниот чудотворец Наум да се помолиме за нашите ближни и за самите себе, Бог да ни влее животворни сили на надеж за истрајност во верата и животот, рече г.Јосиф.
Владиката по повод празникот отслужи литургија и ги благослови славските лебови.
А.С