Над 25 илјади луѓе вкупно досега се вакцинирале со вакцини против Ковид-19 во Тетово, информираат од тетовскиот здравствен дом. Масовната имунизација се спроведува веќе два месеци, во мај и јуни, а во текот на април вакцинација имаше само во Здравствен дом.
-Во салата на медицинското училиште каде од мај започна масовна имунизација досега има над 23 илјади луѓе кои добиле вакцина. Има и две илјади кои се вакцинирале во просториите на Здравствен дом, вкупно над 25 илјади. Ако се земат во предвид дека има и ревакцнирани луѓе се надминува бројката од над 30 илјади дадени вакцини, изјави Дрита Зибери, главна сестра при Здравствен дом Тетово.
Иако пред спортската сала е забележително дека има долги редови и се чека за влез во салата, надлежните уверуваат дека нема проблеми во спроведувањето на имунизацијата.
-Нема застој, термините се многу. Дел од луѓето доаѓаат пред терминот, некои доаѓаат после терминот во рамки на дозволените шест до седум денови, некои доцнат па така се создава гужвата надвор. Внатре во салата процесот оди без проблеми и многу бргу, изјави Дрита Зибери.
За одржување на редот пред спортската сала се ангажирани полицајци и припадници на Армијата. Тие ги повикуваат луѓето по име и презиме и термин за вакцинирање. Потоа следува евиденцијата и вакцинирањето, двета постапки за кои всушност треба најмалку време, со оглед дека потоа е препорачано барем десетина минути да се одмори на столче пред заминување.
– Дневно имаме од 1500 до 1700 термино. Некој ден стигнуваме да вакцинираме и до 1300 луѓе. Вчера имаше вакцинирано вкупно 1290 луѓе, рече Дрита Зибери.
Луѓето кои во текот на април во Здравствен дом биле вакцинирани со Астра Зенека за ревакцинација овој месец исто така треба да појдат во тетовскиот здравствен дом согласно добиените термини.
А.С