Дупки и нерамнини на целата должина од автопатот Тетово-Гостивар, оштетена заштитна ограда, се показателите за катастрофална состојба во која се наоѓа оваа важна сообраќајница по која поминуваат повеќе илјади возила дневно. Иако од сите тие возила државата наплаќа и милиони евра за патарина се уште нема пообемна санација и со години се вози по овој лош пат.
Во јануари 2021 министерот за Бочварски најави дека ќе се прави физибилити студија која ќе покаже дали е потребно да се обнови асфалтот или да се прошири автопатот со повеќе коловозни ленти. Одговор за ова стигна од јавното претријатие за патишта, кои велат дека изградбата на автопатот Тетово-Гостивар ќе го реализира конзорциумот Бехтел и Енка, за што Собранието за прв пат донесе и закон за номинирање стратешки партнер -нов модел без распишување тендер.
-Владата е уверена дека овој модел ќе даде најбрз и најоптимален резултат во изградбата на патната мрежа. Ова е и најголем инфраструктурен проект во земјата, се вели во информацијата од јавното претријатие.
Граѓаните се револтирани што мора да се се движат по вакви коловозни ленти, да ги оштетуваат возилата и што во опасност се доведуваат нивните животи.
Во анкетата на возачите кои управуваа возило на автопатот го рекоа следното:
-Има на некои места нерамнини, така румби тумби што ги викаме по наше..Јас патот го знам немам гајле,ама тие што не го знаат имаат доста.. излетуваат од патот.
-Никако катастрофа све дупки.
-Има дупки искрено, вреди да се подобри, но сепак се вози
-Автопат добар ? све дупки, све скршено.
– Све е дупки не вреди да се плаќа, све е дупки е, за никаде е патот.
-Има дупки колку сакаш, само кршиш возила и ништо друго не правиш.
-Целиот е со дупки
Несразмерно е плаќањето за патарини и другите давачки за возилата како технички преглед со она што го добиваат од државата за квалитет на патиштата, сметаат граѓаните.
-Треба да се плаќа кога се регистрираат колите. Колку полуксузна кола толку повеќе треба да платиш порез или данок со тие пари да се праваат колите. Не е исто со скршена кола и со ферари да поминеш тука, вели возач.
Една патарина на Тетово-Гостивар е 30 денари или 120 вкупно за одење во два правци. Во 2021 година 46 милиони и 400 илјади евра беше годишниот приход од наплата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта што е за 2,8 милиони евра повеќе во однос на 2019, а за 12,1 милион евра повеќе во однос на 2020 година.
Александар Самарџиев за ТВ Алфа