Од 1-ви мај 2020 кога стапи на сила владината уредба за задолжително носење заштитни маски на лицето за превенција од ширење на коронавирусот на тетовското подрачје досега изготвени се 3676 поднесоци, информира денес СВР Тетово. За дел од нив се изготвени платни налози кои се платени веднаш или по судски пат, а има и писмени предупредувања. Согласно уредбата за таков платен налог глобата е 20 евра во денарска противвредност.
-Секторот за внатрешни работи Тетово неделава значително ги засили контролните активности кои се однесуваат на користење заштита на лицето во возила, патнички комбиња и автобуси, а кои континуирано се реализираат неколку месеци наназад. На сите кои не ја почитуваат, односно не се придржуваат на владината Уредба со која се регулира задолжителното носење на заштита на лицето, на начин и место утврдени со истата, им се изготвуваат поднесоци. Секторот за внатрешни работи Тетово им укажува на возачите и другиот работен персонал во комбиња или автобуси стрикно да се придржуваат на Уредбата за која станува збор и да не превезуваат лица без заштитни маски, но и повеќе од максимално дозволениот број на патници. Зашто, во спротивно возилата ќе бидат исклучувани од сообраќај и ќе им се изготват поднесоци, не само на физички, туку и на правните лица, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Во текот на изминатото деноноќие, според статистиката на Секторот за внатрешни работи Тетово за неносење заштитни маски на 34 лицa изготвени им се прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба.
А.С