Со образложение за „јавен интерес“, државата одзема приватна сопственост, за трети лица, да градат хидроцентрали. За ова, во редакцијата на „Порталб.мк“, се пожалил жител од село Бродец кој сакал да остане анонимен поради страв од одмазда. Тој вели дека му го узурпираат приватниот имот без да го прашаат, се вели во текстот објавен на сајтот на Мета.мк.
-Првично во 2018 година, и повторно сега во 2020 година, ми пристигнаа два документи, не само мене, туку на над 20 жители на село Бродец. Ни беше кажано дека на нашите земјишта ќе се гради мала хидроцентрала, односно не нé прашаа дали сакаме, туку само не известија,“ вели тој во разговор за „Порталб.мк“.
Според документот, жителот ќе добие пари за да се откаже од земјиштето во негова сопственост (експропријација). Револтирани од ова, жителите од Месната заедница на село Бродец во јуни 2019 година се мобилизира заедно со сите сопственици на земјиштето и другите жители на ова село против изградбата на оваа хидроцентрала, бидејќи како што велат, „таа ќе донесе само штета и ништо добро“.
Оштетените жители и еко-активисти, кои сакаат да ја заштитат Шар Планина, го формираа „Зелениот фронт против малите хидроцентрали“ додавајќи дека се противници на „хидро- мафијата“ и ќе продолжат да протестираат. Надлежните велат дека дел од хидроцентралите ќе работат, истакнувајќи дека се преземени мерки за заштита на животната средина.