Месната заедница од тетовското село Вратница испрати отворено писмо до државните институции од кои бараат да се спречи уништувањето на природната околина со градење на 5 мали хидроцентрали на Вратничка река. Штетите во Вратница би биле поголеми од придобивките и ќе се уништи реката, потенцираат жителите на селото.
-Со сила ни се наметнува проектот за уништување на Вратничка река, единствените недопрени шумски површини околу реката и сиот животински и растителен свет што е директно зависен од реката. Проектот за изградба на дури 5 мали електрични централи со вкупна моќност од само 5 мега вати електрична енергија, за сметка на ставање во цевки на целата вода од реката од самите нејзини извори, па се до вливот во Вардар, повторно по неколкугодишно затишје се актуелизира. Дали Вратничани, Орашани,Староселци и сите останати, треба да бидат агресивни и дрски, па надлежните челници конечно да сфатат дека нивниот збор и нивната желба да ја зачуваат оваа природна убавина, конечно некој да ја сфати сериозно и да ја почитува. Како може да се дозволи заради бизнис интересите на една шака моќници исклучиво заради нивен личен профит, да се стави во прашање опстанокот и голата егзистенција на ова население кое живее околу реката.Сосема добро ја разбираме потребата на државата од производство на електрична енергија од обновливи извори, ама исто така знаеме дека мора да се стават на вага придобивките од реализација на овој проект, со штетите кои ќе произлезат од истиот. Вратничани се длабоко убедени, а тоа може во секое време да го докажат и со аргументи, дека во случајов штетата ќе биде далеку поголема од придобивката и дека ќе биде направен геноцид на природните убавини во поширокиот вратнички, орашки и староселски регион на подолг период и ќе биде ставен под знак прашалник опстанокот на овие населени места, се наведува во јавниот повик на мештаните на Вратница.
Од таму потенцираат дека пред 7 години, во голем пожар беше уништен целиот шумски фонд на Вратница во планинскиот појас, како дополнителен проблем за зачувување на животната средина во нивната област. Потребна е интервенција на државата затоа што шумата и понатаму страда од криминални групи и дивата сеча.
-Беа уништени стотици хектари вековни шуми на кои ќе им требаат стотина години за повторно да заживеат. Месноста Габар веќе со години се уништува од страна на концесионерите на рудниците за ископ на калциум карбонат, со што во целост се менува самата географија на целиот крај. Шумскиот појас под селото, се до Вардар, кој е во приватна сопственост на Вратичани, веќе со децении безмилосно се сече и уништува од страна на дрвокрадци, без никој при тоа да не преземе никакви активности за спречување на оваа појава. Уништени се стотици хектари густа дабова шума и никој за тоа не презема никаква одговорност и ако се работи за приватни имоти за кои Вратничани совесно ги плаќаат сите даноци. Од целото природно богатство со кое располагаше Вратница, недопрена останува само реката и шумскиот појас околу неа и тоа само поради фактот што тој предел е практично недостапен. Со изградбата на малите централи и со отворањето на пристапните патишта, практично ќе се отвори простор за уништување и на ова наше недопрено богатство. Да не го споменуваме законот за води во кој во целост се поставени приоритетите за користење на водните ресурс, велат во писмото мештаните на Вратница.
Вратничани бараат претставниците на институциите да најдат време да ги сослушаат за проблемите
-И покрај тоа што со закон е предвидена јавна расправа за вакви проекти во која ќе биде вклучено и локалното население, некој очигледно свено бега од ова, бидејќи е свесен дека аргументите се на нивна страна, се вели во писмото.
Дописот е доставен до повеќе министерства и општина Јегуновце во чиј склоп е и селото Вратница.