Од почетокот на пандемијата на 12 март Државниот пазарен инспекторат во поширокиот тетовски регеион има изречено мерки за 72 субјекти од угостителството поради прекршување на прописите во време на епидемија, информираше денес Стојко Пауновски, директор на инспекторатотна прашање на Тетово инфо, на заедничката прес конференција во Владата со претседателката на Инспекцискиот Совет, Магдалена Филиповска Грашковска. Според него инспекторите секојдневно вршат по 60-тина контроли.
-Најголемиот дел од овие контроли се однесуваат на угостителството. Во тетовскиот регион досега за непочитување на одлуките санкционирани се 72 субјекти на кои им се изречени соодветни мерки. Имаме изречено 27 прекршочни платни налози. Дел од тие налози се наплатувани, дел од налозите кои што не се наплатени одат на суд, истака Пауновски.
На прашањето за колкави износи од казни се наплатени, директорот посочи дека податоците ќе се знаат по сумирање на полугодишната работа на Државниот пазарен инспекторат.
-Работењето на државниот пазарен инспекторат не го вршиме по оддделенија бидејќи се случува да во одделението во Тетово, на контрола пратиме вработени инспектори од одделение во Битола, во Охрид да пратиме од Скопје. Секој инспектор за својата контрола ја води постапката до крај и она што го правиме согласно законот за инспекциски надзор е да извршиме сумирање на сите резултати од извршените контроли во кои спаѓа и наплата на самите глоби тоа го правиме два пати годишно по новиот закон, истакна Пауновски.
Таквите извештаи според Пауновски сите инспектори согласно законски обврски ќе треба да ги направат до 30 јуни, а севкупен извештај ќе треба да се поднесе до Инспекцискиот совет.