Тетовската клиничка болница во моментот има хоспитализирано 11 лица со Ковид-19 на инфективното одделение, а Кризниот штаб на општина Тетово оценува дека капацитетите на оваа здравствена установа се задоволителни. Инфективното одделение има седум инфектолози и 70 кревети.
-Според бројот на лекари, седум инфектолози кои се на работни задачи со нивните тимови, во однос на екипираност сме ОК, како и со простор со можностите за кислородна поддршка кои се сметаат за базични капацитети на една болница за справување со Ковид-19. Ако има потреба за проширување, има технички решенија во самиот момент да се прошири капацитетот за уште 70 легла, истакна градоначалничката Теута Арифи по состанокот на Кризниот штаб.
Според неа болницата нема потреба од помош но и нема можност да испрати некого во Скопје.
-Тетово не е во ситуација да се најде на помош на другите. Ако ја држиме ситуацијата под контрола во инфективното оддление во болница сметам дека завршена голема работа, истакна Арифи.
Тетовскиот регион денес бележи починато лице од Ковид-19 на 65 години во Клиничката болница хоспитализиран на 6 јуни. Има 17 нови случаи в тетовскиот регион. Вкупниот број на дијагностицирани е 430, од кои се излечиле 144 лица, а 28 починале, со што бројот на активни случаи во Тетово и 5 околни општини е 258.
А.С