Жителите на населбата Колтук во Тетово повторно ги живеат деновите како пред десетина години кога по цели денови немаа вода за пиење. Сите дворови од куќите во оваа населба која се наоѓа на почеток на ридот Балтепе се полни со шишиња и други садови во кои мештаните чуваат вода. Водонабдувањето како пред неколку години целосно е во прекин во текот на денот, а во Колтук велат дека вода имаат само два или три часа во текот на ноќните часови и тогаш притисокот е многу слаб.
-Десет дена овде е вака. Ги молам надлежните да пуштат вода, сум купила бинлоци за да носиме вода. Кога ќе дојде синот од работа, треба да оди над 100 метри и да донесе. Нели е срамота ова. Често имало, овие десет дена капка вода нема. Со шишиња се носи вода. Еднаш се јавивме во ЈКП ни рекоа Теута ја дала водата на друга страна, како може да ја даде водата. Ние не сме луѓе што живееме на повисоко, и ние сме луѓе и ние плаќаме сметки. Оваа улица нема капка вода, доле на два саата пуштаа по капка, не можеш да пуштиш машина за перење, објаснува Јованка Степановска.
Нејзиниот сосед Зоран Ристевски објаснува дека проблемот со водата таму е стар со децении.
-Ние околу 40 години имамем проблем. Овие 4-5 години имаше вода од кога дојде Теута Арифи. Овие три четири недели пак нема вода. Се збори како цевка пукнала, се меша водата имало тиња, ама месец дена бидна. Водава ни доаѓа сабајле само во 3-4 саат сабајле, да наполниш 10 шишиња и толку. Улица Солунска и долната улица немаат вода воопшто. Се јавувавме во Водовод, ни рекоа соберите се и идите кај Теута, вели Зоран Ристевски.
Од работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово, проблемот го објаснуваат со зголемена потрошувачка во градот и намалување на дотокот на вода од изворите на Шар Планина.
-Во горните делови од градот се случува да нема вода преку ден поради намален притисок, како резултат на недостаток во извориштата во овој период и поради зголемената потрошувачка на вода во градот. Ќе гледаме да најдеме техничка можност за појачување во тој дел. Апелираме до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење за граѓаните од горните населби да имаат вода, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на „Водовод и канализација“.
Во моментов издашноста на изворите заедно со бунарите изнесува 330 литри вода во секунда.
А.С