Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце во редуцирана форма поради пандемијата утре ќе ја одржи манифестацијата „Лазарски обредни поворки во Теарце“. Целта на манифестацијата е афирмација на автентичноста на Лазарските обредни поворки во Теарце, оживување на традиционалните обредни поворки, како и промоција на локалната традиција, фолклор и култура, но и зачувување на културнното и фолклорно наследство кое се повеќе е во изумирање.
-Овој дел од традицијата на македонскиот народ е многу важно да се зачува од изумирање затоа што ни ја доловува значајаната улога на жените како чувари на колективниот живот. Лазарските обредни поворки се можност да дознаеме за суштината и формата на таа традиција која преку музиката и нашиот фолклор се пренесува со векови наназад. Воедно така дознавама за улогата на жената како носител, чувар како и во негување на традицијата, изјави Сашо Костадиновски – етнокореолог и уметнички раководител на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце.
Покрај одбележување на денот Лазарева сабота, манифестацијата вклучува и стручно предавање и едукација на младите од Теарце за фолклорната традиција на Полог и пошироко.
-Почитувајќи ги мерките и препораките за заштита од Ковид-19, изминатите денови во село Брезно, КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце сними краткометражен филм за Лазарски обреди од етничкиот предел Долни Полог, со осврт на обредните обреди во Теарце, а истото ќе биде презентирано на главниот дел од манифестацијата, велат од Друштвото.
Активностите се дел од проектот “Лазарски обредни поворки во Теарце” кое што КУД “Кирил Пејчиновиќ”- Теарце ќе го реализира во понатамошниот период во текот на месец април.