Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце се подготвува за најновото издание на традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ-2020“ која согласно здравствените протоколи за првпат се планира на отворен простор. Предвидено е да се одржи в недела од 12 часот во месноста Ќелија, поточно во дворот од црквата Света Богородица.
-Ова е седмо издание на манифестација Денови на Кирил Пејчиновиќ -2020 година. Годинава се подготвуваме да ја одржиме согласно протоколите, со седишта на растојание од два метри, маски и дезинфекција. Манифестацијата годинава претставува концерт Трио „Кладенец“, Трио „Шербет“ и ансамблот „Китка“ од Истибања, изјави Сашо Костадиновски уметничкиот раководител при Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“.
Поради состојбата нема да се одржат традиционалните дефиле и настапи на играорците.
А.С