Магдалена Антовска, која е прва година во тетовската гимназија е државен победник на конкурсот за средношколски есеј на тема ‚‚Зошто сакам да останам во Македонија“, а освен во литературниот израз таа вели дека и навистина сака да остане во родната земја и покрај тоа што за младите најчесто се поврзува нивното иселување во странство. 15 годишната средношоколка во есејот вели останувам тука, каде се е мое. Патот е трнлив, ако треба и боса ќе го газам. Ако моите издржале, ќе издржам и јас.
„Овде е убаво! Навистина е убаво! Тука се е мое. Моето семејство, мојот дом, моите другари, моето кафуле, мојата улица, моето училиште, мојата слобода, мое, се е мое. Можеби навистина, не е идеално, а каде е? Убавината на нештата е во несовршеноста. Убавата вазна е уметничко дело, но само една пукнатина ја прави непроценлива и вечна“, прочита Магдалена дел од есејот.
Таа не се согласува со најчестиот став на младите дека во другите земји има подобар живот.
„Секојден слушам како секој заминува, а никој не останува тука. Тоа е навистина тажно. Јас ја сакам мојата татковина, тука се образувам тука растам. Мојата татковина ме одгледала и сега плодовите од нејзиниот труд некој друг да ги бере. Мислам дека во другите држави нема нешто подобар живот. Можеби има повеќе пари, подобра работа, но подобар живот нема. Далеку си од се што сакаш, од своето семејство, од своите пријатели од својот дом. И едноставно тоа мене ме прави тажна“, вели гимназијалката.
Иако само што исчекорила од детството, цврсто верува дека тука може да има убава иднина. Сака да заврши факултет , а смета дека секој со личен напор и работа може да придонесе Македонија да биде добро место за живеење.
„После гимназија планирам да завршам или филологија или архитектура, зависи, уште не сум се одлучила. Македонија надеж, ако се потрудиме има надеж да останеме тука и да работиме, работа што е добра за нас. Јас би сакала тука да останам зошто оваа убавина не се напушта, ова никаде не можеме да го најдеме во другиот свет, во некое друго место. Овдека едноставно се е наше, толку сме се бореле за тоа и едноставно сега да го напуштиме мислам дека тоа не е баш добро“, вели Магдалена.
Магдалена како награда добила преносен компјутер за есејот од организаторите на конкурсот, здружението за подобрување на иднината на младите „Сакам да останам“.
ЕСЕЈОТ НА МАГДАЛЕНА
Сакам да останам
Живеам во една убава мала земја.Се вика Македонија или Северна Македонија или како ли уште ќе ја крстат, не знам.Но, знам дека таа земја е мојот дом, а јас го сакам мојот дом, сакам се што е во него: луѓето, реките, езерата, планините, воздухот што го дишам и него го сакам.Како и да е, таа мала земја, таа моја земја, од година во година станува се помала. Да не бидеме во заблуда, не по територија, а бре луѓево ги снемува.Секој ден слушам како некој некаде заминува или се спрема да замине.Чудна работа нели?! Па се напушта ли оваа убавина, слобода, сите сме си тука, свои на своето.
Секој ден слушам разни приказни: „Е ги знаеш децата на Раде? – Ги знам како не, и двете завршија факултет и се вработија, нели? – Па што со нив? – Заминале за Германија! – Како ма, па добро беа вработени! – А, добро, како па да не! – Овде, земале по триста евра со факултет, а таму две илјади евра почетна, а може и повеќе, ете ги се сместиле и работа си нашле и се! – А, Раде?! – Па сам со жена му!”. Или пак друга приказна: ,, – Овој Горан отишол во Швајцарија. – Оној плочкарот! – Тој, тој… – А жена му и трите дечиња?! – Па тие се овде, доаѓа секои три месеци и носи пари, ете и куќата ја доправија и кола си купија. – Ете ,,што значи Европа веднаш човек стануваш”…”
И сега јас неука вака се прашувам како тоа во Еврапа стануваш ,,човек”, а во мојата Македонија не ?!Зарем тука ние не сме ,,човек”, што сме ,,мајмуни”?! Извинете ве молам за мојата дрскост, но кога срцето е чисто и јазикот е храбар.Знаете среќата можеби брзо не напушта, но надежта – никогаш. Оваа малечка земја, непозната а непризната доволно, е наш дом, а домот е таму кај што е срцето.Луѓе не одете од својот дом, зошто скршената рака може пак да работи, но скршеното срце никогаш.Зошто самите си го кршиме срцето, како незаситни мазохисти?! Заминуваме и оставаме се што ни е битно во животот, надевајќи се дека таму некаде има подобар живот.А, таму нема никој наш, се е туѓо.
Денес јас сум тука. Се што е мое е тука, покрај мене. Немаме вили и јахти, но имаме вкусен ручек на кој сите заедно сме на маса.Некогаш се смееме, некогаш се расправаме, некогаш бистриме политика, некогаш само молчиме и уживаме во моментот дека сме сите заедно и дека се имаме едни со други.Ги помнам деновите кога брат ми беше во Америка, мајка ми на секое јадење ги голташе солзите како камења. ,, Има ли тој сега да јаде? ”, знам тоа мислеше. Неговото враќање беше најголем празник во нашата куќа. ,, Оди, види, прошетај, заработи колку за тебе” – така го советуваше татко ми кога го испрќавме, а мајка ми додаваше ,, да се вратиш, немам јас деца за фрлање ”.
Тогаш во моментот не сфаќав што сакаат да кажат, но кога го немаше него покрај мене сфатив што значи некој да ти фали, во душата ти се отвора една дупка, една празнина што со ништо не се надополнува. И тој, брат ми, се врати! Знаете ли што кажа?! Америка – големи чуда! Кога дојде сите беа радосни. Но, јас мисам дека тој беше најрадосен, како повторно да се родил, му идеше да си го бакне куќниот праг. Прво што побара беше пржени компири, таму компирот бил како дрво, а зеленчукот како пластика. И тоа ми било Америка.
Овде е убаво! Навистина е убаво! Тука се е мое. Моето семејство, мојот дом, моите другари, моето кафуле, мојата улица, моето училиште, мојата слобода, мое, се е мое. Можеби навистина, не е идеално, а каде е? Убавината на нештата е во несовршеноста. Убавата ваза е уметничко дело, но само една пукнатина ја прави непроценлива и вечна. Мојата мала земја ми нуди образование, леб на масата, слобода на движење и говор, слобода на самоопределување…Не е совршена оваа моја мала татковина, но е моја…И не е праведно таа да ме одгледа, а плодовите од нејзиниот труд некој друг да ги собере.
Образованието во Европа е совршено, напредно, тие имаат свои кадри, зошто тогаш не бараат нас, ние сме нели неуки ,, балканци “ Тие во Европа, па и во светот, се вредни и способни, зошто тогаш не бараат нас, мрзеливите ,, балканци “.Не, не сакам преценување. Но, така изгледа! Секаде по социалните мрежи се бараат работници од сите професии: лекари, медицински сестри, електроничари, електричари, програмери, па дури и обични берачи на овошје и зеленчук.Чекајте малку! Стоп! Па, тие и тука се потребни! Македонците се потребни во Македонија!
Останувам тука! Тука каде се е мое…Патот е трнлив, ако треба и боса ќе го газам. Ако моите издржале, ќе издржам и јас.Знаењето е венец на главата, а богатството – јарем околу вратот. Мојот врат сака да стои исправено без стеги. Надежта е леб за душата. Душо моја ти нема да бидеш гладна те храни мојата надеж голема како Шар Планина. Останувам тука, своја на своето!