Општина Тетово информираше дека уште на првиот ден од летниот распуст се започнати работи за реконструкција и подобрување на инфраструктурните услови во училиштата. Во соработка со Министерството за образование и наука, денес започнаа градежните работи околу целосна реконструкција на покривот на општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово.
-Ние планираме инвестирање и реконструктивни активности во различен обем во сите училишта на подрачјето на општина Тетово во текот на летниот распуст, изјави Ахмед Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејности при општина Тетово.
Според Ќазими, освен градежните и реконструктивни работи, одделението за образование при Секторот ќе работи и на унапредување на можностите за онлајн настава.
-Мора да бидеме подготвени за сите сценарија со оглед на потребите за онлајн настава поради ситуацијата со Ковид-19. Ќе се работи на тоа како да се снимаат наставните единици и создавањето на дигитална архива, посочи Ахмед Ќазими.
Средните училишта се подготвуваат за првиот уписен рок кој е наредната недела.
А.С