Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово ги објави победниците од конкурсот за најдобра необјавена песна и ликовна творба за деца, млади и возрасни „Мајски латици“. За најдобрите дела одлучувала тричлена жири комисија составена од членови на Друштвото на писатели-Љерка Тот Наумова, Ленче Милошевска и Славица Дабевска-Ќировска.
-Во категорија деца прва награда за песната „Шарен свет“ доби Андреј Ѓошевски, ученик во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Општина Кисела Вода, Скопје. Прва награда во категоријата млади за песната „Ѓурѓовденска“ добива Ведрана Петрова од Драчево, ученичка во СУГС „Гимназија Јосип Броз Тито“ Скопје. Кај возрасните, за песната „Под кожата на стеблото“ првонаградена е авторката Соња Таировска Ѓурчак од Велес. Во сите категории наградените се и второ и третопласирани учесници, информираат денес од Здружнието.
Наградените ќе добијат златни плакети и учество на меѓународен литературен фестивал „Поетски латици“ 2020 и 2021 како и престој на Попова Шапка во текот на 2021 година.
Трочленото жири во состав Сарита Конеска, Зоран Бошковски и Андријана Начевска донеле одлука да не се доделат награди за најдобри необјавени ликовни творби поради малиот број на пријавени и доставени трудови.
А.С