Продолжувањето на патот од Тетово преку месноста Бањиче до селото Бродец кое се одвива изминативе два месеци влегува во завршната фаза со поставување на асфалтната подлога на делницата. Општина Тетово информираше дека покрај асфалтирањето, ќе биде поставено и јавно осветлување, кое ќе ја заокружи тековната инвестиција на месноста Бањиче, како пат што го поврзува градот со високопланинските села, но и како едно од најатрактивните туристичко-рекреативни места на градот.
-Ова е проект на Општина Тетово средства од грантот добиен од агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во износ од 19.960.000 денари. Воедно од истата агенција добиени се средства во висина од 14.980.600 денари за проектот „Пикник Место Бањиче“ со кој се предвидува регулирање на речното корито, базени за искористување на термоминералните ресурси и инсталација на урбана опрема, изјави градоначалнчката Теута Арифи.
Од друга страна моментно има застој на продолжувањето на булеварот „Видое Смилевски Бато“ познат како Индустриска улица кај спортскиот центар, чија градба почна на 9 февруари.
-Имајќи го во предвид фактот дека се работи за голема компанија која потпаѓаше под рестрикацијата дека не повеќе од петмина работници не смеаат да бидат на работното место и плус значи мерките во односн на ограничување. Меѓу другото нема други причини зошто не е продолжено со работа. Ние сме во контакт со компанијата и во најбрзо време очекуваме како што се олеснуваат мерките да се враќаат на работа и нормално да се запазат роковите како обврска за завршување на овој дел на булеварот, изјави Теута Арифи.
Според градоначалничката во текот на годината либерализацијата на мерките околу коронавирусот ќе овозможи работа и на другите улици кои треба да се реконструираат.
-За улицата „Гоце Делчев“ ние имаме конкурирано во Министерството за транспорт и врски преку Светска банка, како и за улиците „Јане Сандански“ и „29 ноември“ пред болница. Ни е најавено дека две од овие улици ќе влезат во првата бранша додека двете други во втората бранша на финансирањето но имајќи го предвид фактот дека поради кризата целиот овој процес беше стопиран се надеваме дека сега со либерализацијата ќе продолжи таму каде што застана, посочи Арифи.
Булеварот „Видео Смилевски Бато“ треба да се продолжи со цел да се намали сообраќајниот метеж. Улицата „Гоце Делчев“ иако е една од најдолгите со децении чека на обнова.
А.С