Општина Тетово има реализирано набавка со најголема вредност од сите локални самоуправи во 2019 година, покажува истражувањето на Центар за граѓански комуникации од каде е направена база на податоци за јавните набавко на сите општини и градот Скопје.
-Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Општина Тетово со фирмата Дрисла (пред нејзиното преземање од страна на Градот Скопје) за чистење и депонирање на комуналниот отпад на локалитетот с.Фалиште во вредност од 1,9 милиони евра, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Инаку, општина Тетово е на второ место по градот Скопје како локална самоуправа која во 2019 година бележи зголемување на јавните набавки во однос на 2018.
-Општина Тетово бележи вредносен скок од 3,7 милиони евра. Односно од 1,7 милиони евра во 2018 година на 5,4 милиони евра во 2019 година, се наведува во базата со податоци.
Во 2019 година општина Тетово имала буџет од 2 милијарди 209 милиони 994 илјади и 577 денари. Вкупната вредност за јавни набавки изнесува 332 милиони 632 илјади и 29 денари или15, 05 % удел во општинскиот буџет. Во текот на 2019 направени се 48 набавки.
Од вкупниот број јавни набавки на општина Тетово, 51,5% се услуги, 44,9% се за работи, додека 3,6 % се за стоки.
Истражувањето бележи пораст на јавните набавки кај Градот Скопје и 58 општини, додека пак намалување е евидентирано кај 22 општини.
А.С