Осумнаесет годишник од Тетово е ранет со остар предмет синоќа околу 23 часот во Жена-парк, откако имал вербална расправија со уште две лица. Повредениот е хоспитализиран во тетовската болница, а СВР Тетово информира дека за настанот е лишен од слобода едно лице.
-Во СВР Тетово било пријавено дека во Жена-парк на ул.,,Борис Кидрич“ во Тетово дошло до вербална расправија која преминала во физичка пресметка помеѓу М.С. (18) од Тетово, од една страна и Р.З. и К.В. од друга страна. При тоа Р.З. со остар предмет му нанел убодни рани на М.С. Полициските службеници од СВР Тетово веднаш го лишиле од слобода Р.З., кој по насоки на Јавен обвинител е задржан во Полициска станица Тетово за понатамошна постапка, соопшти денес СВР Тетово.
Службеници на СВР Тетово извршиле увид на местото на настанот и сега следува документирање на случајот.
А.С