Планинарскиот клуб „Јелак “, во соработка со Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи и Македонската Православна Црква, на 25 октомври недела по трет пат ја организира планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора.
Ова е трета ваква акција на организаторите откако за прв пат патеката беше поставена и реализирана во 2018 година по повод јубилејот „1000 години Охридска Архиепископија“.
-Акцијата тргнува од село Блаце, и завршува во село Волковија и е во категорија на лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е за почетници, постари планинари, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење. Добредојдени се и поискусни имаат желба планинари кои да се запознаат со ретко посетуван предел, кој сѐ до преклани воопшто не беше организирано посетуван во минатото. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва, информираат од планинарскиот клуб „Јелак“.
Долж патеката се поминува покрај повеќе православни цркви, археолошки локалитет – месност „Граиште“ во Стенче, движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“ и слично. Вкупна должина на патеката е 9 километри.
Минатата година во рамки на акцијата беа засадени околу 150 дрвца долж „Милениумска патека“
А.С