За прво одделенци има 1739 слободни места во тетовските училишта додека за во прва година средно образование 3600. Ова се бројките кои се утврдени од општинскиот Сектор за јавни дејности во насока на подготовка за упис на првачиња и нови среднопколци.
Согласно владината одлука поради состојбата со коронавирусот запишувањето на децата во градинки и во прво одделение наместо досегашната практика во мај се поместува во јуни, потсетуваат од општинскиот Сектор за јавни дејности.
Владата на крајот на април одлучи рокот за запишување да биде и подолг па наместо еден месец, ќе трае 45 денови од 1 јуни до 15 јули.
-Според евиденцијата на децата родени 2014 година има места предвидени за 1739 ученици во прво одделение. Сепак не очекуваме толкава бројка на првачиња со оглед на миграцијата на населението надвор од Тетово или надвор од државата. Се очекуваат околу 1200 или 1300 првачиња. Минатата 2019/2020 имаше запишано 1040 првачиња во рамки на општина Тетово, истакна Ахмед Ќазими, раководител на Секторот.
Минатата година во трите уписни рокови во средните училишта во Тетово се запишани 1.315 ученици, од кои 993 на албански наставен јазик, 297 на македонски и 25 на турски.
Исто како за првачињата и уписите во градинките ќе започнат во текот на јуни. За средношколците уписите се во трите уписни рокови во јуни 16 и 17 јуни, 24 и 25 јуни и 29 јуни.
А.С