Во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во тетовски Лешок денес се изврши осветување и положување на камен темелник за нов конак. Објектот ќе се гради при самиот влез во комплексот на местото каде порано беа помошни простории и остава од манастирот.
-Овој конак се гради со манастирски средства. Постоеше потреба за еден посовремен конак каде што би можело да се сместат посетители, да се одржуваат состаноци на црковно ниво, да има апартмани за престој на владиците, кујна и трпезарија. Ќе биде на два ката, а приземниот дел ќе биде изграден со камен како што беше и претходниот објект, истакна отец Александар Стојановски.
Чинот на осветување на камен темелникот го изврши Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустијана Прима г.г Стефан во сослужение на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, брегалнички г. Иларион, кумановско-осоговски г. Јосиф како и други свештени лица. Овој повод е достоен за македонската духовна тврдина во Пологот, рече Архиепископот.
-Лешочкиот манастир е духовен извор од кој се напојувале генерации православни Богољупци. Манастирот е неоткинливо поврзан со својот историски корен. По Лешочкиот манастир се гледа чии се и колку се длабоки корените на овие простори и каков е идентитеот на овој крај. Кога сакале во историјата да го замолчат овој сведок на нашата вера и прибежиште на нашиот народ, не успеале да ја уништат вистината, зошто и урнатиот камен и затрупаните темели сведочеа за вистината а и новоизграденото ќе продолжи да сведочи, истакна во пригодниот говор г.г Стефан.
Објектот ќе претставува западно крило на конакот и ќе има 750 квадратни метри на два ката.
А.С