Откако поминаа два дена без нарушување на ограничувањето на движењето, тетовската полиција денес соопшти дека има регистрирано три лица кои се движеле за време на полицискиот час. Од 21 март кога е воведен полицискиот час вкупно 98 лица се евидентирани за непочитување на ограничетото движење.
-Службеници на СВР Тетово во периодот од 7 часот вчера до 7 утринава извршиле 177 контроли на луѓе со решенија за изолација, издадени од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. При контролите на лицата со решенија и со потпишани изјави за самоизолација не се регистрирани непридржувања и не се поднесени кривични пријави по таа основа, а не се регистрирани, исто така, и нарушувања на јавниот ред и мир или други безбедносни настани поврзани со „корона вирусот информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Tројцата кои го нарушиле полицискиот час, се лишени од слобода и ќе добијат соодветни поднесоци по член 206 од Кривичниот законик.
А.С