Здружението на жители Вратница викендов за прв пат, организираше марш до местото „Камче”, каде што во 1944 година се урна американскиот авион, при што дел од екипажот беше спасен од вратничани. Маршот претставува неколкучасовнио планинарско пешачење до местото, а бил предводен од сертифициран планински водич.
– Во рамките на севкупните напори кои ентузијастите од Вратница, особено “Здружението на жители Вратница” го прават во насока на зголемување и збогатување на туристичката понуда и воедно, промоција на природните убавини кои ги нуди Шарско-полошкиот регион со прочуениот врв Љуботен, направена е иницијатвива за оддавање почит на американските војници кои во 1944 година загинаа во авионска несреќа на врвот Камче, над селото Вратница. Целта на здружението е овој марш да биде од традиционален карактер, т.е. секоја година да се организира во последниот викенд од месец август. На овогодинешниот прв марш, од страна на организаторите, за сите учесници во маршот беа обезбедени заштитни маски, донирани од “Лиотекс-Вратница”, шише вода, едно пакување магнезиум и житни барови. По завршување на маршот, од страна на организаторите беа доделени пригодни награди за највозрасниот (77 години) и најмладиот учесник (9 години). Маршот беше професионално организиран, со сертифициран водач со UIMLA сертификат и двајца добро обучени планинари кои одлично ја познаваат конфигурацијата на теренот, информираат од месната заедница Вратница.
Оваа иницијатива имаше поддршка од американската амбасада во Македонија, а биле спроведени и неколку активности- обележување на планинарска патека со сите пропратни технички елементи кои таа ги подразбира (маркирање, чистење на патеката, уредување на истата и сл.), како и изработка и дизајнирање на табли со информативна и едукативна содржина.
-Во целиот овој процес, најнапред беа одредени точни локации на информативните табли од кои, првата е поставена во центарот на Вратница, втората во туристиката локација Сенокос и третата на местото на падот на американскиот авион, посочуваат од Здружението.
Како дел од соработката со американската амбасада, поставени се два јарбола на локалните гробишта до спомен плочите на загинатите пилоти од американскиот воен авион кој паднал во 1944 година.
Од месната заедница ги пренесуваат коментари на дел од учесниците.
„Одлично организиран марш. Првпат ја поминувам оваа патека. Воодушевена сум од природните убавини и водачите кои имаа разбирање за барањата на учесниците и имаа одговор на сите поставени прашања. Воедно имав можност да видам локалитети на кантарион кој беше тема на мојата докторска дисертација, а кои досега ги немав посетено”- доктор на биолошки науки.
„Прекрасен настан, одржувајте го. Она што го правите за Вратница и регионот е одлично”-планинар
„Браво за американската амбасада. Би било добро да се донесе делот од паднатиот авион поблиску во Сенокос и да се постави како експонат”-планинар
“Маршот беше авантуристички. Од страна на организаторот претставени убавините на Шар Планина, запознавањето со билките карактеристични за тоа поднебје, како и дополнителни информации за историјата од Втора светска војна”-сопственичка на маркетинг агенција.
“Инспиративен, креативен. Од организациски аспект, максимално професионален и одлично организиран, безбеден и повеќе од потребен за секоја личност која за момент сака да избега од урбаниот хаос”-психолог.
Во четвртокот Вратница и месноста Камче ги посети и амбасадорката на Америка во Македонија, Кејт Мари Брнз, која им оддаде почит на американските војници, учесниците во НОБ и сите жртви во Втората светска војна, а воедно оствари средба со претставниците на здружението на жители Вратница.
А.С